УТМС координатор на јавна трибина за развој на туризмот
На 9-ти јуни во просториите на УТМС се одржа јавна трибина на тема:„Туризмот како иднина за македонски развој“, на која учествуваа претставници на Владата на Македонија, на Стопанската Комора, Здружението на интелектуалци Трето доба, на Универзитетот за Туризам и Менаџмент во Скопје, како и други претставници од областа на туризмот и економијата. Една од главните теми за дискусија беше „Постоењето на Универзитетот за Туризам и Менаџмент како расадник за едуцирани кадри за развој на туризмот“. Во дискусиите на повеќето присутни, преовладуваше мислењето дека без добро образовани кадри за туризам и менаџмент, сите квалитетни проекти и идеи за развој на оваа важна гранка за македонската економија не можат да се реализираат, со што уште повеќе е нагласена вежноста на УТМС и перспективата на студентите на овој универзитет.
Без образовани кадри нема развој на туризмот
Цел на трибината беше изнесување и презентирање на се што е актуелно и важно од практиката, за тоа како треба да се унапредат сите видови на туризам. Декларацијата што се подготвува од заклучоците на оваа средба, ќе биде доставена до сите релевантни органи: Претседателот на државата, Претседателот на Собранието на РМ и Премиерот. Со истата ќе бидат запознати и сите фактори, институции и НВО, за кои се смета дека ќе придонесат за иден поголем развој на туризмот во Македонија.
Низ сите излагања провејуваше прашањето? Како да се стимулира развојот на туризмот? Следеа низа дебати и одговори, но низ сите нив се провлекуваше пораката: На секој потенцијален инвеститор треба да му покажеме што нуди Македонија. Но, неопходна е соработка со сите релевантни институции одговорни за туризмот.
Сите учесници се согласија дека, туризмот е важен и незаобиколен сегмент на вкупното стопанство и голем генератор на останатите дејности. Во овој контекст, а со цел донесување на вистински одлуки и оперативни стратегии, треба постојано да се следат сите параметри за успешна туристичка сезона, природните услови, постојните капацитети, карактеристичните климатски услови, развиената/неразвиената мрежа на туристички агенции, бројноста и капацитетот на хотелите и другите објекти за одмор и рекреација, промоцијата на земјата и сл. За да биде туризмот успешен, потребна е глобална и оперативна стратегија за негов развој, а пред се доволно изградена свест за развој на туризмот.
На одржаната Јавна трибина една од пораките беше: за канализирање на инвестициите кон домашната земја, да се насочиме кон домашниот туризам, бидејќи тој во иднина ќе биде многу значаен, Меѓутоа, потребни се стимулации, “најразлични растоварувања” на работењето на образовните институции, како што е УТМС, туристичките компании, странските инвеститори, домашните вложувачи.
И она што ќе обезбеди сигурен инвестиционен потфат во туризмот од домашни или странски извори е, обезбедувањето на најтесна соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор. На овој начин синхронизираните активности на домицилната земја, не само што ќе го поттикнат развојот на туризмот, туку и ќе овозможат паралелно и развој на менаџментот во туризмот. Со еден збор, управувањето со туризмот треба да биде приоритет на приватниот сектор, туристичките државни органи и локалната самоуоправа.
Зошто е важна улогата на УТМС за развој на туризмот?
На Јавната трибина беше истакнато големото значење и на УТМС во областа на туризмот, кој пред се максимално го поттикнува влегувањето на нашиот продуциран и едуциран кадар на туристичкиот пазар. Зошто?. Бидејќи УТМС нуди уникатно и комплетно знаење, кое ги привлекува младите луѓе за студирање на областа–туризам, а на оние кои ги имаат завршено студиите од областа на туризмот, да влезат во сферата на бизнисот туризам. Примената на наставните програми на Универзитетот гарантира целосен напредок, не само во процесот на учење, туку нуди експорт на успешни менаџери и професионалци.
Визијата сега и понатаму на Универзитетот е, нашите студенти со стекнатото знаење и вештини, да ги пенетрираме во институциите кои се занимаваат со туризам, државни институции кои се надлежни за туризмот, туристички агенции, хотели, авио-превоз, или да помогнеме во развој на нивниот сопствен бизнис. Дел од визијата на Универзитетот е, вработување и понатамошни ангажирање на дипломираните туризмолози во туристичкиот пазар на Република Македонија.




|