Промоција на втората генерација дипломирани студенти
>>> Разгледај го ТАБЛОТО тука <<< >>> Список на дипломирани студенти <<<
“Задоволство беше да се студира на УТМС, научивме многу, посетивме бројни дестинации во Македонија и во странство, работевме преку лето во реномирани хотели и агенции во атрактивни туристички дестинации, некогаш не беше лесно, но стекнавме огромно искуство, многу пријатели, а овој ден никогаш нема да го заборавиме. Со еден збор, студирањето беше забава, но сега се чувствуваме подготвени и супериорни да се соочиме со сите предизвици во бизнисот – туризам”.

Ваквите оценки на повеќемина од ново дипломираните студенти на Универзитетот за Туризам и Менаџмент, на 16.06.2010-та, на церемонијата на доделувањето на дипломите на втората генерација диломирани туризмолози, е најдобрата и најрелевантна потврда на вистинската насока во која се движи УТМС.
На свечената промоција на дипломираните студентите од Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, своите дипломи ги добија 185 студенти од втората генерација, кои се стекнаа со звањето дипломирани туризмолози. На присутните им се обрати Ректорот на Универзитетот за Туризам и Менаџмент од Скопје, проф.д-р Аце Миленковски, кој ја подели радоста со дипломираните студенти, членовите на нивните семејства и пријателите. На најистакнатите и најдобрите дипломирани студенти, им беа поделени пригодни награди.
 
Честитајќи им го дипломирањето на сите студенти, Ректорот Миленковски истакна дека, оваа година одбележуваме дипломирање на втората генерација студенти од областа на туризмот, со што се промовирани млади академски граѓани, кои се подготвени веднаш да се вклучат во активностите на институциите кои се занимаваат со туризам, туристички агенции, хотели, или да започнат сопствен бизнис во областа на туризмот.
“Иако завршија вашите години на сништа, а почнуваат годините на вклучување во реалноста, тоа не значи дека треба да престанете да учите. Денешниот туризам и пазарните услови бараат континуиран развој и освојување на нови знаења. Уверен сум дека со школувањето на овој Универзитет се стекнавте со знаење, компетенции и вештини, но и со работни навики, со чија помош полесно ќе ги освоите новите знаења на пазарот. Не заборавајте дека вие сте во голема предност, бидејќи се здобивте со конкурентно и темелно знаење. Времето ќе покаже дека максимално се залагаме за создавање на високообразовен и квалитетен кадар, а тоа го гарантира УТМС . Затоа гордост и задоволство е да се организира и присуствува на свеченост, на која се промовира едуциран кадар на туристичкиот пазар, кој поседува уникатно и комплетно знаење, во сферата на бизнисот туризам“, нагласи Ректорот Миленковски.
На промоцијата на дипломираните студенти, присуствуваа и истакнати личности од високообразовната дејност во Република Македонија, но и од странство, односно од сродни институции од соседните земји со кои УТМС има воспоставено редовна соработка. По поделбата на дипломите и традиционалното фрлање на капите во воздух, свеченоста беше одбележана со коктел и пригодна музичка забава за сите присутни гости.
Инаку, евидентно беше воодушевувањето и задоволството на присутните дипломирани студенти, нивните семејства и пријатели, како и на другите гости, од овој свечен чин и церемонија, која според коментарите на сите, е уникатна во Македонија, каков што е впрочем и УТМС.
 
 
 
|