На ден 06.06.2023 година во просториите на Универзитетот Скопје се одржа седница на Конференцијата на приватните високообразовни установи во Македонија (КПВУ). На седницата на која присуствуваа Ректори и претставници од приватните високообразовни установи се дискутираше за актуелните политички состојби во државата и нивното влијание врз уписите во високообразовните установи. Посебен акцент беше ставен на проблемот со масовниот одлив на младото население, што долгорочно негативно ќе влијае во сите сфери на општеството, како и за потребата од олеснување на пристапот на странските студенти до македонското високо образование. Од тие причини се договори проактивен однос на приватните високообразовни институции кон оваа проблематика за што веќе на наредната седница ќе бидат предложени конкретни чекори и активности.
Во името на сите членови на КПВУ, новиот претседател на Конференцијата, проф. д-р Аце Миленковски му се заблагодари на досегашниот претседател проф. д-р Томе Неновски за неговото несебично залагање и придонес за позициониране на КПВУ како активен академски чинител, како и за ширење на мисијата за која е основана КПВУ.
Конференцијата на приватните високообразовни установи во Република С. Македонија (КПВУ) е формирана во 2019 година како тело за развивање на меѓусебна соработка во областа на високообразовната и научно-истражувачката работа, а во согласност со заедничките цели и интереси на приватните високообразовни установи во Република С. Македонија.
https://www.utms.edu.mk/vesti/opsti/2463-utms-domakjin-na-konferencijata-na-privatnite-visokoobrazovni-ustanovi-vo-makedonija#sigProId99fc455f6f